ГРУЕВСКИ КУПУВА ДЕНОВИ НА СЛОБОДА

0
677

Поранешниот премиер Никола Груевски „купи“ уште неколку дена слобода, а веројатно ќе го спаси и пратеничкиот мандат. Во судот вчера почнаа да пристигнуваат поединечните жалби на сите адвокати од тимот на Груевски на одлуката на судијата за извршување санкции, кој одби да му го одложи затворот за незаконската набавка на луксузниот „мерцедес“ од над 600 илјади евра. Од адвокатскиот тим најавуваат дека жалба до Кривичниот совет ќе испрати лично и Груевски, а рокот истекува денеска. Ако жалбата биде испратена денеска, треба време таа да стигне со судот. Со оглед на тоа дека Кривичниот совет потоа има рок од три дена да ја донесе конечната одлука дали на поранешниот премиер ќе му биле одложена казната затвор, сè поизвесно е дека денеска, 8 ноември, нема да биде денот кога Груевски ќе замине во затвор. Најверојатно, датумот за во затвор ќе се пролонгира сè до одлуката на Кривичниот совет.

Паралелно, за синоќа беа најавени и протести пред Кривичниот суд за поддршка на експремиерот.

„Цела Македонија е сведок на неправдата што се врши врз поранешниот премиер Никола Груевски. Експресните постапки со скратени рокови имаат за цел единствено ставање во затвор на Никола Груевски. Кога неправдата е во сила, непокорот е единствениот пат до правдата!“, стои во повикот на иницијативата „Правда за Никола Груевски“.

Иако собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања утврди вчера предлог за одземање на мандатот на Груевски, најавите на двете опозициски пратенички групи дека ќе гласаат „против“ се сигнал дека на пленарната седница нема да има двотретинско мнозинство за Груевски да остане без пратеничката функција. Матичната комисија го усвои предлогот на границата на потребното мнозинство, односно за него гласаа петмина од вкупно девет члена на Комисијата. Немаше гласови „против“, затоа што членовите на ова тело од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата. Претходно, пратеникот Трајко Вељаноски оцени дека Груевски е цел на политички прогон.

– Во Македонија денес нема независно судство, а пратеници се судат во политички монтирани процеси. Пресудата за Груевски е донесена во процес во кој ниту е докажана штета на државата ниту е докажана некаква материјална корист со која тој противправно се стекнал. Предметот кој е главен доказ за ова т.н. дело сега е во рацете на некој друг кој секојдневно се вози со него – рече Вељаноски.

Пред гласањето, обраќање побараа и од новата независна пратеничка група, која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека сакаат да го кажат својот став иако немаат член во Комисијата. Сашо Василевски, за кого заедно со уште петмина пратеници истата комисија препорача симнување на имунитетот кон крајот на минатата година – кога беа осомничени за настаните на 27 април, најави гласање „против“ одземање на мандатот на Груевски. Инаку, според информациите објавени на интернет-страницата на парламентот, член на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања е Крсто Мукоски, кој премина исто така во независната пратеничка група, но вчера не беше присутен на седницата.

На комисиската седница бил поканет и Груевски, но тој не се појави во салата затоа што, според информациите, во тоа време бил на судско рочиште за еден од случаите што против него го води СЈО.

Наспроти поранешните и сегашни сопартијци на Груевски, Александар Кирацовски од СДСМ смета дека со пресудата за „Тенк“, Груевски е недостоен да ја извршува пратеничката функцијата. Тој ги нарече неиздржани тврдењата дека во Македонија се водат политички мотивирани процеси, туку, како што рече, како никогаш досега владее закон и правда.

– Македонија е правна држава во која законите важат за сите. Оној за кој е докажано дека ги прекршил законите е несоодветен да биде дел од законодавната власт – рече Кирацовски. Тој порача дека ова треба да биде поука за сите сегашни и идни функционери да не ги прекршуваат и заобиколуваат законите зашто правдата е еднаква за сите.

Според претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, главна причина поради која треба да му биде одземен мандатот на Груевски е фактот дека тој е осуден за злоупотреба на власта, односно за злоупотреба на довербата на граѓаните.

Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието. Со него се предвидува за пратеник што е осуден за кривично дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот што ја изрекол казната. Таков допис до спикерот Талат Џафери испрати судијката Добрила Кацарска откако скопскиот Апелациски суд ја потврди пресудата на Кривичниот суд.

Предлогот на деловничката комисија за одземање на мандатот на Груевски ќе се разгледува на првата наредна собраниска седница, а уште сега се чини извесно дека нема да има квалификувано мнозинство за негово усвојување. Задржувањето на пратеничкиот мандат не го спречува заминувањето на Груевски во затвор, иако обврските во парламентот беа еден од аргументите со кои тој се обиде да го одложи издржувањето на казната.

Ако отиде во затвор и ако потоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ редовно го пријавува како оправдано отсутен на собраниските и на комисиските седници, Груевски и натаму ќе фигурира како пратеник и ќе зема плата од Собранието. Како поранешен премиер му остануваат и другите привилегии што си ги изгласа сам, додека беше на функцијата. (А.М.М. – Ф.Ф.С.)

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here